Во претходниот текст говорев за предизвикот на големи бази на податоци за функцијата човечки ресурси, во која ја допрев темата за софтверски решенија и нивна персонализација како многу битна алатка за функцијата.
Софтверските решенија, освен што играат многу важна улога во собирање и обработка на податоците поврзани со вработените, во денешното време се особено битни и за функцијата човечки ресурси и за општиот успех на една организација.
Потреба од редефинирање на улогата човечки ресурси
Пред да преминеме на софтверските решенија на човечки ресурси, на кратко ќе направиме осврт на потребата од редефинирање на улогата на функцијата човечки ресурси — улога која всушност е двигател и го дефинира софтверското решение.
Идната улога на човечките ресурси може лесно да се дефинира доколку ги погледнеме предизвиците со кои секоја организација денес се соочува:
- Создавање на организациона култура која ги држи вработените ангажирани
- Развој на идни лидери
- Привлекување и задржување на вистинските таленти
- Оптимизација на резултати од работа и развој на тимови
Клучни насоки кои произлегуваат од овие предизвици:
- Како да се подобри продуктивноста и профитабилноста – да се зголеми приходот по вработен
- Како да се остане агилен во време на променливи деловни побарувања – создавање на високо компетентна работна сила
- Како да се идентификуваат идните лидери и да се развива нивниот потенцијал
- Како да се задржат клучните вработени и да се намали текот на кадар
Оттука произлегува насоката во која човечките ресурси треба да се движат.
Персоналната администрација и пресметка на плата остануваат важни области, но овие процеси мора да бидат оптимизирани и дебирократизирани, за професионалците да се фокусираат на вистинскиот предизвик — управувањето со таленти.
Со креирање на соодветни процеси за управување со таленти, професионалците од областа на човечки ресурси можат овие предизвици да ги претворат во поволни можности за своите организации.
Потреба од интегриран пристап за управување со таленти
Во последно време сме сведоци дека дисциплините за управување со таленти — селекција и регрутација, учење и развој, мерење на резултати и квалитет — стануваат сè поспецијализирани и пософистицирани.
Но со оваа специјализација, човечките ресурси често се делат во изолирани области кои функционираат самостојно, без доволна координација.
Често во практиката одделите за селекција и регрутација, учење и развој и мерење на резултати имаат свои агенди и цели кои не се усогласени меѓусебно. Ваквата поставеност не оди во прилог на функцијата човечки ресурси, која има потреба од интегриран и детален преглед на работната сила — преглед кој ќе биде основа за донесување одлуки.
За да се развие таков преглед, потребно е да се интегрираат сите софтверски решенија што се користат во различни дисциплини на човечки ресурси, во еден систем што ги обединува сите информации на едно место.
Предности на интеграцијата
Практиката покажува дека човечките ресурси обично користат различни решенија за оптимизација на процесите и подобрување на точноста на податоците. Меѓутоа, доколку овие системи не се интегрирани, HR тешко може да добие комплетен увид во работната сила и со тоа потешко ќе одговори на современите предизвици.
Интегрирани платформи и нивната улога
Со брзиот развој на информационите технологии, денес постојат интегрирани софтверски решенија за човечки ресурси кои, преку една унифицирана платформа, поддржуваат широк спектар процеси: стратегиско планирање и управување со таленти, селекција и регрутација, управување со резултати и квалитет, учење и развој, планирање на наследување, плати и бенефиции, управување со работно време итн.
Со ваква интегрирана платформа сите процеси на човечки ресурси функционираат со исти, конзистентни информации и стандарден преглед на секој вработен.
Идејата зад интегрираните платформи е да се соберат и поврзат податоци за целиот работен циклус на еден вработен — од кандидатура, преку воведување и развој, до евалуација и промоција. Интегрираната технологија ги поврзува сите овие делови за HR професионалците да можат да утврдат како факторите влијаат еден на друг.
Бенефити од интегрирано софтверско решение
- Професионалците од човечки ресурси можат да направат не само проценка на квалитетот на каналите за регрутација, туку и анализа на квалитетот и текот на вработените регрутирани преку тие канали.
- Информациите од воведувањето на нововработени, во комбинација со податоците од други процеси, можат да дефинираат оптимални видови на обуки и да помогнат новите вработени побрзо да се интегрираат.
- Организациите можат да ги усогласат индивидуалните цели на вработените со целите на организацијата и да добијат јасна слика за индивидуалниот придонес.
- Интегрираните решенија овозможуваат персонализирани програми за обука и развој, наградување според индивидуалниот придонес и подобра мотивација.
- Вработените добиваат увид во критериумите врз кои се регрутирани и евалуирани, што придонесува за транспарентност и доверба.
Зошто е ова важно?
Интегрираниот пристап им овозможува на HR професионалците навистина да ја разберат работната сила — нејзините вештини, способности и однесувања — и да ги идентификуваат оние кои се клучни за постигнување на стратешките цели на организацијата.
Дополнително, менаџерите од другите области добиваат алатки кои им помагаат во носење одлуки и секојдневно управување со вработените.
Интегрираните софтверски решенија во човечки ресурси носат поголема ефикасност — и за HR одделите и за одделите за информациски технологии.
Со информации кои се споделуваат во единствен систем, повторувачкиот внес на податоци е елиминиран, што значи помалку грешки и заштеда на време. Од ИТ перспектива, овие решенија бараат помалку специјализирано знаење во споредба со повеќе одвоени системи.
Ваквата ефикасност и заштеда на средства се императив за секоја организација во денешно време.