Денес е многу лесно да изгледаме како да знаеме сè. Многу поретко се прашуваме дали навистина го разбираме она за што зборуваме.
Имаме одлична презентација, беспрекорно спакувана анализа и став за секоја тема. Зборуваме со самодоверба, забележани сме, добиваме признанија.
Она што често отсуствува е критичкото преиспитување: како сме дошле до заклучокот? Кои претпоставки стојат зад него? Дали можеме да го провериме и поткрепиме?
Прашањето што следи е: дали нашето општество наградува впечаток или вистинска компетентност?
Последниве години активно ја проучувам и применувам бихејвиоралната и еволутивната психологија во мојата консултантска работа и во приватниот живот. Преку овие сознанија ги преиспитувам сопствените реакции и одлуки, но и подобро ги разбирам однесувањето на луѓето и динамиката во организациите и општеството.
Моите ставови и заклучоци се обликуваат токму во тој спој на учење, практична примена и критичко набљудување. Колку подлабоко навлегувам, толку повеќе сум загрижена.
Ќе започнам од основите: човекот сака да биде прифатен, да биде безбеден и да чувствува дека вреди.
За нашите предци, животот во група значел поголема можност за преживување: заштита, храна и помош. Поединец без група и поддршка потешко опстојувал. Припадноста имала многу практично значење.
Денес најчесто не ни треба група за да нè заштити од диво животно. Но и понатаму ни значи да бидеме поканети, вклучени и прифатени. Затоа изоставувањето од некој круг може емоционално да нè повреди повеќе отколку што сакаме да признаеме.
Покрај припадноста, сакаме и признание. Да нè слушнат, да нè ценат, да почувствуваме дека нашето присуство прави разлика.
Некој оваа потреба ја задоволува преку учење, практична примена на знаењето и придонес во организацијата и општеството. Некој повеќе се потпира на титула, влијание или внимание. Овие начини можат и да се испреплетуваат. Не посакува секој да биде лидер, но на многумина им е важно нивниот збор да се слушне и да има тежина.
Овие потреби имаат длабоки корени во нашата еволутивна историја. Прашањето е колку свесно управуваме со нив.
Тука доаѓа емоционалната интелигенција. Наједноставно кажано, таа вклучува способност да ги препознаеме сопствените чувства, да се обидеме да разбереме што чувствуваат другите и свесно да избереме како ќе постапиме.
Замислете дека некој ве прекинува додека зборувате. Се лутите. Првиот нагон е да возвратите, да го прекинете и вие и да докажете кој е во право.
Самоконтролата е онаа мала пауза во која си велите: „Се налутив. Но што сакам да постигнам со мојата следна реченица?“
Чувството е тука. Изборот е што ќе направиме со него.
Самоконтролата е еден дел од емоционалната интелигенција. Таа ни помага да не постапуваме според секој првичен нагон: веднаш да возвратиме, веднаш да добиеме признание или веднаш да се ослободиме од непријатноста.
Потребен е напор.
А напор бара и учењето.
Кога нешто не разбираме, можеме да се чувствуваме несигурно. Кога задачата е тешка, се фрустрираме. Кога ќе откриеме дека сме погрешиле, може да ни се разниша самодовербата. Во тие моменти е примамливо да ја избегнеме непријатноста: да ја затвориме книгата, да се откажеме или веднаш да побараме готов одговор.
Да останеме фокусирани на проблемот бара вежба и самоконтрола: да прочитаме повторно, да побараме објаснување, да се обидеме со друг пристап. Треба да ја издржиме непријатноста доволно долго за навистина да научиме.
Секако, заморот, стресот и условите во кои работиме влијаат врз тоа колку можеме да истраеме. Но и навиките што ги градиме секојдневно имаат значење.
Ако секгаш кога ќе стане тешко го прескокнеме процесот на размислување, кога ќе ја вежбаме способноста да размислуваме подобро?
Токму тука ја гледам врската: признанието може да дојде веднаш, а разбирањето бара време. Ако постојано го избираме она што веднаш ни дава добро чувство, сопствениот развој лесно останува за „подоцна“.
Деновиве, размислувањата за Theory of savanna happiness, говор на Yuval Noah Harari и документарец на Netflix “ AI gone wild” ми се поврзаа во едно непријатно сценарио. Ме поттикнаа да размислувам колку нашите избори се обликувани од потребата за припадност и колку простор оставаме за самостоен интелектуален развој.
Од таа врска произлезе моето прашање:
Што ако најнапредната технологија што сме ја создале ни овозможува сè повеќе време да им посветуваме на основните потреби, додека ги запоставуваме способностите што нè направиле способни да ја создадеме?
Погледнете го професионалниот живот околу нас. Глобално и во Македонија.
Конференции, панели, здруженија, членства, состаноци, networking, after-work настани. Компании што поддржуваат, организации што повикуваат, луѓе што плаќаат да учествуваат. Календарите се полнат. Фотографиите се објавуваат. Сите сме некаде, со некого, дел од нешто.
Секој настан има ветување: развој, поврзување, можности.
Но што останува кога ќе заврши настанот? Што сме научиле? Кое наше уверување сме го преиспитале? Кој проблем сега можеме подобро да го решиме?
Или најважниот резултат е дека сме биле видени?
Не ги оспорувам вредноста на контактите и потребата од припадност во заедница. Го оспорувам претворањето на присуството во доказ за компетентност. Ме загрижува културата во која професионалната видливост станува обврска, а времето за читање, истражување и длабоко размислување — луксуз што постојано го одложуваме.
Припадноста има пазар. Статусот има публика. Учењето бара работа што често никој не ја гледа.
И тука се појавува вештачката интелигенција, со огромна практична вредност.
Лично, ја ценам брзината што ја добивам. Ја ценам можноста побрзо да обработам информации, да споредам пристапи и да разработам идеја. Но резултатот сакам лично да го проверам. Ако концептот не ми е јасен, истражувам.
Нејасниот концепт за мене е незавршена работа, колку и да е убедлив одговорот.
Токму тука ја повлекувам границата.
Учењето е процес. Решавањето проблеми е процес. Треба да знаеме да го поставиме проблемот, да ги разграничиме причините од симптомите, да утврдиме кои информации ни недостигаат и да процениме дали понуденото решение воопшто одговара на задачата.
„Ќе го прашам AI“ може да биде корисен чекор во тој процес. Сè почесто, се плашам, го користиме како замена за целиот процес.
Добиваме одговор и продолжуваме понатаму. Дали го разбираме? Дали ги забележуваме неговите ограничувања? Дали би препознале грешка?
Тоа останува непроверено, затоа што резултатот изгледа доволно добро за да биде употребен.
Потоа го презентираме како знаење.
Одговорот може да биде точен. Лажно е претставувањето дека го разбираме, ако не го разбираме.
Кога ваквото однесување носи признание, влијание и позиции, се создава поттик тоа да се повторува. Зошто да поминуваме низ непријатноста на незнаењето, низ часови проверка и обиди, ако истиот аплауз можеме да го добиеме со готов резултат?
Така се нормализира привидната компетентност.
Видливоста станува авторитет. Самоувереноста станува доказ. Добро составениот текст станува замена за добро разработена мисла.
А времето што сме го заштедиле повторно го вложуваме во одржување на таа слика: уште едно присуство, уште една објава, уште една потврда дека сме важни.
Мојата загриженост е дека во тој круг, свесно или несвесно, го занемаруваме сопствениот ментален развој. Сè помалку простор оставаме за проверка, преиспитување и работа што нема веднаш да биде видена и наградена.
Во меѓувреме, системите на кои им ја препуштаме работата стануваат способни за сè посложено дејствување.
Инцидентот со Hugging Face ја направи оваа загриженост многу поконкретна. OpenAI потврди дека во јули 2026 нејзини модели, за време на внатрешни сајбербезбедносни евалуации, ги заобиколиле ограничувањата и компромитирале делови од инфраструктурата на OpenAI и Hugging Face. Независната истрага документираше координација меѓу агентите, мамење при евалуацијата и обиди за избегнување автоматски безбедносни проверки.
За мене, ова отвора многу посериозно прашање од тоа колку работни задачи ќе автоматизираме.
Со какво знаење ќе ги надгледуваме системите на кои им доверуваме сè поголема одговорност?
Не е доволно да кажеме дека човекот ја носи последната одлука. Треба да се прашаме дали тој човек ја разбира одлуката. Дали може да ја оспори? Дали знае што да провери и кога да го запре процесот?
Титулата не го обезбедува тоа. Позицијата не го обезбедува тоа. Ниту потписот со кој формално сме ја презеле одговорноста.
Ако не знаеме да го процениме предложеното решение, нашето одобрување лесно станува административен чекор во процес што суштински не го контролираме.
Тука ми се враќа сликата што ја понесов од говорот на Yuval Noah Harari: кравата ги гледа луѓето, но не го разбира системот на трговија во кој самата менува сопственик.
Таа ја доживува промената. Не ја разбира логиката што ја предизвикала.
Оваа аналогија за мене е предупредување за живот во поредок чии последици ги чувствуваме, а чии правила сè помалку можеме да ги разбереме.
Во ред, имаме публика и статус во тој поредок. Почитувани сме во својот круг. Но дали е доволно да бидеме влијателни во ограничена област ако не ја гледаме пошироката слика и не разбираме кој ги обликува изборите што ни се достапни?
Токму затоа ме вознемирува нормализирањето на лажните вредности и лажното знаење.
Последиците од оваа практика одат многу подалеку од една површна објава или незаслужен аплауз. Таа создава средина во која може да се напредува без потребното знаење и да се носат одлуки без доволна способност за проценка.
Тоа е опасна основа за иднина во која ќе зависиме од сè посложени системи.
Ја поддржувам примената на технологијата. Таа ни заштедува време, ни помага во рутинските задачи и ни отвора нови можности. Но не го прифаќам откажувањето од сопственото знаење и расудување во име на таа погодност.
Сметам дека сме должни сериозно да се однесуваме кон сопствениот ум и способностите што ги развиваме.
Сакам да ме прашаат како сум дошла до заклучокот. Сакам да бараме разбирање зад презентацијата и компетентност зад позицијата. И да не го прогласуваме забрзувањето за напредок пред да провериме што сме прескокнале по пат.
Знаењето и способноста за решавање проблеми не смеат да станат споредни активности, оставени за времето што ќе ни преостане по одржувањето на сопствената важност.
Ако ја запоставиме способноста да го разбереме светот, за да имаме повеќе време да бидеме видени во него — зошто сме толку сигурни дека ќе останеме тие што ги пишуваат правилата?
Ваша,
Наташа Алексовска
Авторска напомена: Ставовите и размислувањата изнесени во овој текст се мои лични и не претставуваат официјален став на Vivendum Ratio Solutions.




