Генеративните AI алатки како ChatGPT, Copilot и Gemini станаа незаменливи за многумина – ни заштедуваат време, ни помагаат во истражување и ја зголемуваат продуктивноста.
Но, ако се потпреме само на нив, ризикуваме да ги изгубиме токму оние вештини кои се најскапоцени. Според Светскиот економски форум во Future of jobs report 2025, до 2030 година најбарани ќе бидат токму човечките вештини што AI не може да ги замени. Сепак, студиите покажуваат дека прекумерната AI употреба го намалува токму нашиот когнитивен капацитет.
Само солидното лично знаење ни овозможува да процениме дали предлогот од AI е точен, релевантен или најдобар. AI не може да не направи експерти.
Когнитивен долг: Цената на зависноста
Истражувањата покажуваат дека прекумерната зависност може да го намали нашиот когнитивен капацитет и да нè оддалечи од способност за длабокото разбирање.
- Истражување на МИТ (јуни 2025) покажува дека корисниците на ChatGPT имаат намалена мозочна активност во регионите за фокусирање и креативно размислување. Се појавува „cognitive debt“ – когнитивен долг кој отежнува самостојно размислување.
- Студија објавена во PMC (2025) утврдува дека генеративниот AI го намалува когнитивниот капцитет за околу 20-30% во одредени задачи, со ризик од когнитивна атрофија.
- Претходни студии (2023-2024) од Wiley и ScienceDirect потврдуваат влијание врз меморијата, длабокото учење и критичкото размислување.
Во Македонија, PISA 2022 (OECD) покажа дека нашите 15-годишници имаат просечни резултати под 400 поени во математика, читање и наука – меѓу најслабите во Европа. Кога на оваа основа додадеме неконтролирана употреба на AI, ризикуваме дополнително да ја намалиме способноста за независна проценка.
Контрапродуктивно кратење на буџети
Во време на економска криза, предизвиците се поголеми. Многу компании кратат буџети за обуки – глобално, околу 14 % од организациите го намалија трошокот за учење и развој. Ваквите политики се контрапродуктивни на долг рок, бидејќи инвестицијата во знаење е најсигурната во тешки времиња.
Вештини кои ќе бидат најбарани до 2030
Според Светскиот економски форум, до 2030 година најбарани ќе бидат токму оние човечки вештини кои AI не може да ги замени:
- Аналитичко размислување (69 % од работодавците)
- Резилиентност, флексибилност и агилност (67 %)
- Лидерство и социјално влијание (61 %)
- Креативно размислување и иновација
- Емпатија, активно слушање и етичко однесување
Етика, Закон и Финансиски Ризици (Казни до 35 милиони евра)
Без длабоко лично знаење и јасни етички рамки лесно се случуваат пристрасни одлуки при селекција, злоупотреба на лични податоци и намалена транспарентност.
Ова е особено важно за компании кои работат со ЕУ:
- GDPR (2018): Личните податоци се предмет на строга заштита. Автоматското профилирање и одлучување (член 22) е забрането без експлицитна согласност и мора да има човечка интервенција. Казните се до 20 милиони евра или 4 % од глобалниот промет.
- EU AI Act (влегува во сила 2024–2027): HR алатки со генеративен AI се класифицирани како „висок ризик“ (High-Risk AI systems). Ова значи задолжителна оценка на влијанието врз основните права, транспарентност и човечки надзор. Казните се до 35 милиони евра или 7 % од глобалниот промет.
Затоа водечките компании веќе воведуваат „AI Ethics Policy“ и обуки за одговорно користење.
Три практични чекори за компетентност во ерата на AI
AI е одличен асистент, но вистинската вредност е во нашата способност да прашаме: „Дали ова е точно, праведно, етички исправно и законски усогласено?“.
Како да го користиме AI без да западнеме во когнитивен долг?
- Принцип на „човечка валидација“ (Human Oversight): Никогаш не прифаќајте предлог од AI без двојна проверка. Кога AI ви нуди решение или текст, поминете 5 минути истражувајќи ги главните извори или логичките чекори. Вашиот мозок е финалниот филтер.
- Намерно не-користење (The ‘Analog Hour’): Одредете си време или задачи каде намерно ќе ја исклучите AI. Решавајте проблеми или пишувајте прв драфт без помош. Ова го активира длабокото учење и ја подобрува меморијата.
- Учење за регулативата: Активно учете ги основните начела на GDPR и EU AI Act. Запомнете: организацијата (не AI) одговара за секоја грешка.
Само со континуирано учење и критичко размислување можеме да ги искористиме овие алатки на вистински начин – без да станеме зависни од нив. Инвестицијата во знаење, етика и усогласеност останува најсигурната. Таа е клучот за вистинска компетентност – и на работа и во животот.
Вашата Наташа Алексовска,
Основач на Vivendum Solutions




